You are currently viewing Што претставува психотерапијата?

Што претставува психотерапијата?

Што претставува психотерапијата?

Психотерапијата, позната уште како и терапија со разговор, претставува процес во кој по одредена методологија се следат конкретни чекори и се применуваат конкретни техники во насока на постигнување на поставените цели кои се поврзани со надминување на емоционалните, бихејвиоралните, интерперсоналните и друг вид проблеми кои клиентот ги има. Воедно, тоа е метод кој се темели на една или повеќе психолошки теории на личност, филозофски размислувања и/или принципи.

Како изгледа психотерапијата од технички аспект?

Психотерапијата се реализира помеѓу психотерапевт, кој може да биде психолог или психијатар, и клиент. Овој процес има свој почеток и крај, и времетраењето на истиот, односно бројот на сеансите зависи од фактори како што се: комплексноста на проблемот и времето потребно за негово решавање, мотивацијата и истрајноста на клиентот, можните отпори во однос на одредени теми, напредокот кој клиентот го забележува, и други. Истиот се темели на морални и етички принципи, како и почитување на улогите психотерапевт и клиент и јасна диференцијација на истите, како би се оправдало значењето што психотерапијата го има. Утврдувањето план за работа кој го сочинуваат проблемите и поставените цели, како и согласност околу дефинирањето на проблемот, е нешто што се смета за почеток на психотерапискиот процес. Иако погоре споменав терапија со разговор, тоа не значи само разговор во кој клиентот споделува информации, додека пак терапевтот активно слуша и поставува прашања, и така до недоглед. Напротив, тоа е многу повеќе. Улогата на психотерапевтот е да го води клиентот низ целиот процес кој е структуриран со јасно дефинирани цели (1. конкретна во однос на проблемот и 2. животна/филозофска/општа цел во однос на поширокиот животен контекст), да му овозможи нови перспективи за надминување на проблемите, да му помогне на клиентот да го преиспита сопствениот систем на уверувања и аспектите на личноста. Градењето на терапискиот однос и сојуз со клиентот темелен на емпатија и разбирање е од суштинско значење за клиентот и исходот од психотерапијата. Тоа е однос кој континуирано се развива. Довербата која клиентот му ја укажува на психотерапевтот и психотерапискиот процес се гради во безбедна средина и споделеното искуство на клиентот останува во тајност на психотерапевтот.  

Што е суштината на психотерапијата?

Психотерапијата ниту психотерапевтот можат да ветат брза и темелна промена, ниту пак сами по себе предизвикуваат суштински промени во животот на клиентот. Суштината на психотерапијата се состои во клиентовото заземање за сопствениот живот и активно решавање на сопствените проблеми. Психотерапијата е најмногу ефикасна кога самиот клиент одлучува да преземе конкретни чекори, мотивиран е во насока на поставените цели, истраен за време на целиот процес и работи на себе од една до друга сеанса, најчесто преку домашни задачи. Од емотивен аспект тој процес е предизвикувачки затоа што клиентот неминовно е да се соочи со непријатните нездрави емоции, некорисните размислувања и дисфункционалните обрасци на однесување, и истите да ги замени во нови здрави емоции, размислувања и поведенија. Покрај тоа, како би можело да се очекува промена, клиентот е потребно активно да ги преспитува своите начини на кои размислува и се однесува, во пракса да тестира неколку поведенија со цел да го увиди резултатот од истите и да утврди кое е она што е најкорисно, како и преземање други неопходни чекори. Со други зборови, ова значи клиентово преземање лична одговорност за сопствениот живот (емоции, поведенија, размислувања, проблеми).

Психотерапијата му помага на клиентот да пронајде подлабока филозофска и духовна смисла во своето постоење, но, и го учи човекот дека животот и светот имаат своја дуалност – покрај непријатните искуства низ кои минува, може да најде смисла во други работи и да биде задоволен од она што го има и како пријатно искуство, дека има убави и неубави работи. Го учи човекот како да биде ментално стабилен и да гради емоционална резилиентност додека се справува со актуелните животни предизвици, како и да научи да прифаќа дека болеста, смртта, фрустрациите, неуспесите, непријатните нездрави емоции, стресот и други непријатности се составен дел од животот. Со други зборови, се фокусира на суштинските егзистенцијални аспекти кои можат да му дадат поинаква смисла на човековото постоење.

Психотераписки исход

Психотерапијата може позитивно да влијае на личноста, во смисла на тоа дека гради квалитети како поголема свесност, преземање одговорност за својот живот, автентичност, резилиентност, поголема емпатија и сочувство за себе и другите, развивање на сопствените потенцијали и капцитети, и многу други.

Со оглед дека било која човекова промена не е лесна, а и живеењето со нарушени ментално здравје и животно функционирање е нешто што е навистина тешко, одлуката да ѝ се даде шанса на психотерапијата е знак на храброст и спремност за подобар живот. Во спротивно, човекот секогаш може да се врати на старите обрасци на размислување и функционирање со кои настанале проблемите доколку воочи дека она што го презема не вродува со плод.

М-р Атанас Иваноски, лиценциран психолог, РЕ&КБТ психотерапевт под супервизија

Закажување сеанса на 078/464-137