You are currently viewing Што е психологија?

Што е психологија?

„Психологијата е наука со долго минато, но, со кратка историја“, рекол Херман Ебингхаус (1907). Тоа значи дека за душата на човекот се зборувало уште пред илјадници години, но, психологијата тогаш не била усвоена како научна дисциплина. Напротив, била под закрила на филозофијата. Но, работите се менуваат кон средината на 19 век со отворањето на првата лабораторија во Лајпциг, Германија, при Лајпцишкиот Универзитет во 1879 година од страна на Вилхелм Вунт.  

Интересот за човековото однесување, неговите психички процеси, особини и состојби се појавува уште со појавата на свеста на човекот за себеси. Човекот од отсекогаш се интересирал за својата душа и начинот на нејзиното функционирање, како и за емоционалниот аспект на душевниот живот, видот и квалитетот на чувствата, начинот на перцепирање на светот и другите луѓе, како и човековите интелектуални способности. Како секоја наука, така и психологијата има свој предмет на проучување. За предмет на проучување на психологијата се смета психичкиот/душевниот живот на човекот врз основа на непосредното искуство и објективното однесување.

 

Гранки на психологијата:

  • Општа психологија,
  • Развојна психологија,
  • Социјална психологија,
  • Психологија на личност,
  • Психологија на труд,
  • Клиничка психологија,
  • Образовна психологија,
  • Психологија на образованието,
  • Медицинска психологија,
  • Клиничка психологија,
  • Психопатологија,
  • Психометрија,
  • Педагошка психологија.

Покрај тоа што е теоретска, психологија е и апликативна наука. Веќе повеќе од еден век откако резултатите добиени од научни истражувања и експерименти се користат во практичната примена на психологијата. Создадените кабинети во кои се разговарало за вистинските проблеми со кои се соочувал човекот како живо битие се важен момент за психологијата воопшто. Важноста се отсликува во можноста да се спознаваат најдлабоките елементи на човековата психа, а тоа се одредени предности со кои друга наука не може да се истакне. Низ децениите, потребата од применетата психологија се зголемувала со текот на живеењто. Причина за тоа може да се бара во стресниот и динамичен начин на живот кои во интеракција со човековите предиспозиции придонесуваат за развој на одредена абнормална состојба. Тоа придонело и за развој на психотераписки правци (КБТ, РЕБТ, Психодрама, Гешталт) кои со својата систематизирана теоретска позадина и техниките кои ги создаваат да влијаат ефективно врз емоционалните нарушувања на поединецот. Покрај клиничките околности, психологијата има голема примена и во образованието и начинот на кој децата можат најдобро да усвојат одредено градиво. Тука се и индустриските и организациски околности кои можат да го користат сознанијата од психологијата за да го подобрат престојот на вработениот во самата организација и да му овозможат поефикасно делување.

Како што може да се забележи, теоретската и практична позадина што психологијата ја има, оправдано и го овозможуваат атрибутот на комплексна наука вредна за изучување.

 

М-р Атанас Иваноски, лиценциран психолог