ПСИХОЛОШКА ЕДУКАЦИЈА

„Рационално – емоционална едукација (РЕЕ) за деца и адолесценти“

Вовед

Грижата за менталното (психичкото) здравје е од голема важност за развојот на секоја индивидуа, од периодот на детство па се до периодот на старост. Имајќи го ова во предвид, се поставуваат прашања како што се: „Кој е одговорен за тоа?“, „Како индивидуата да се грижи за себе си?“, „Зошто е тоа важно?“ итн. Покрај сопствената одговорност, во тој континуум на животните периоди, постојат и неколку одговорни лица и институции за менталното здравје на индивидуата во одреден временски период од нејзиниот живот. Кога станува збор за периодот на детство и адолесценција, потребно е да се посвети големо внимание на личниот развој на индивидуата и успешно реализирање на развојните задачи (кризи), но, и посветување доволно внимание на развојот на психичките процеси, градењето на сликата за себе (Селф концепт) и емоционалните состојби низ кои минуваат најмладите.
Пред започнување со елаборирање на програмата, важно е да се напомена дека суштинската реализација на активностите ќе се базира на Рационално – емоционалната едукација (РЕЕ). Рационално – емоционалната едукација (РЕЕ) е дериват на Рационално – емоционалната бихејвиорална теорија и психотерапија (РЕБТ) која во себе содржи богата филозофска основа. Тоа значи дека нејзината методологија на работа се базира врз постулатите на кои е поставена РЕБТ. Имајќи го тоа во предвид, предавањата, вежбите и работилниците ќе бидат насочени кон тоа на секоја индивидуа да ѝ помогнат да научи што е мисла, а што емоција, да направи јасна дистинкција помеѓу рационалните и ирационалните уверувања, да дознае од каде доаѓаат емоциите и емоционалните пореметувања, како и други важни аспекти на човековото функционирање.
Во текот на спроведувањето на РЕЕ, психологот (или професорот) работи врз основа на знаењето кое го има стекнато при едукацијата за РЕБТ.
 
 

Методологија

Цели на едукацијата

  1. Да се научи што е мисла, а што е емоција.
  2. Да се направи разлика помеѓу рационалните уверувања и ирационалните уверувања.
  3. Безусловно прифаќање на себеси, светот и другите.
  4. Постигнување на лична добросостојба.
  5. Учење на одговорност (за себе и за сопствените постапки).
  6. Усвојување на морални и етички вредности.
  7. Истакнување на важноста за грижата за менталното здравје.
  8. Што е желба, а што потреба?
  9. Подобрување на интереперсоналните релаци.

Метод на работа

Едукацијата ќе биде спроведувана и реализирана преку предавања, вежби, работилници и домашни задачи.

Предавањата ќе бидат кратки и на истите ќе се разговара за најосновните теоретски рамки на психолошките концепти на кои се базира и кои се составен дел од Рационално – емоционалната едукација.

Во однос на вежбите и работилниците, впрочем на кои и ќе биде ставено најголемо внимание, ќе се работат практични активности како што се: игри, анимации, видеа, филмови, илустрации, визуелизации, приказни, дијаграми, запишување на табла, цртање, мерни скали и други потребни техники.

Домашните задачи ќе служат за усвојување на она што било работено за време на групната средба.

 Динамика на работа

Едукацијата ќе се реализира преку групна работа. Групите ќе бидат направени според следната старосна возраст на децата:

  • 7 и 8 години,
  • 9, 10 и 11 години,
  • 12 и 13 години,
  • 14 и 15 години,
  • 16 и 17 години и
  • 18 и 19 години.

Секоја група ќе има една средба во текот на една недела. Групната средба ќе трае 2 (два) часа.

Групата ќе биде сочинета од најмногу 8 (осум) члена.

Времетраење на едукација

Едукацијата трае 5 (пет) месеци.

Водител на едукацијата

Едукацијата ја води М-р Атанас Иваноски, лиценциран психолог со добиено напредно ниво од РЕ&КБТ.

 

Биографија

Атанас Иваноски е магистер по психолошки науки, лиценциран психолог, член на Комората на психолози на Република Северна Македонија и член на Интернационалното Здружение за Коучинг Психологија (International Society for Coaching Psychology). Дипломските и постдипломските студии ги реализира на Факултетот за психологија при МИТ Универзитет, Скопје. Во текот на студирањето и постидипломските студии, интересот го насочува кон систематизирано проучување на следниве области: когнитивниот аспект на личноста, клиничката психологија, психотерапијата и советувањето. Има работено како професор по спортска психологија при ДСУ „Спортска академија“ Скопје, како психолог во ПСУ „Св. Лука“, Скопје и како асистент на Факултетот за психологија при МИТ Универзитет, Скопје. Изучува психотерапија на RE&CBT Affiliated Training Center of Albert Ellis, Belgrade, и се има стекнато со напредно ниво. Исто така, има издадено и неколку научни трудови во интернационални списанија и списанија со импакт фактор. Најголем дел од своето практично знаење го има стекнато при реализирање на задолжителната пракса на неколку психијатриски клиники каде конкретно работи во доменот на диференцијалната дијагностика и советување под надзор на своите ментори.